Музејот на грижа е музеј со многу простории низ целиот свет. Како и во секој музеј, некои простории се попостојани од други. Се отвораат нови простории, веќе постојните простории се заземаат и ја менуваат нивната функција, додека одредени простории се напуштаат и затвораат.
Постојат простории наменети за читање. Простории наменети за танцување. Простории за дрводелство, за одгледување зеленчук, за наука. Некои простории се „било какви простории“.
Секој може да отвори просторија во Музејот. Сè што треба да направите е да предложите каква просторија сакате да отворите. Секој може да заземе просторија во Музејот. Сè што треба да направите е да ни кажете што сакате да правите таму.
Главната цел на Музејот на грижа е да произведува и одржува општествени односи. Односите може или не мора да вклучуваат предмети, но ние не сме вклучени во каталогизација и архивирање на уметнички дела. Во Музејот на грижа нема чувари.
Не мора да бидете уметник/ца за да поминувате време во Музејот. Да се престојува во Музејот не чини пари. Музејот е отворен за сите оние чија инволвираност ја зголемува нашата колективна слобода преку негување на односи на грижа: грижа за луѓето и животните, за материјалите и животната средина.
Просториите во Музејот на грижа се курирани од оние кои ги заземаат. Овие простории константно се курираат одново; нема постојана колекција, ниту постојани населувачи. Музејот на грижа го стимулира развојот на колективни практики што можат да се реплицираат, со можност да преминат во различни простории, како и надвор во светот. Музејот на грижа не завршува внатре во своите ѕидови.
Како „Пролеткулт“ на Александар Богданов, Музејот на грижа се стреми да преиспита што е да се биде музеј или уметник/ца и да создаде простори за слобода и грижа, отколку споменици. Во Музејот на грижа, уметноста не е врв на симболичното или производство на дела што не можат да се допрат, туку практика на градење подобри светови. Секој ја заслужува истата грижа и внимание што сега ги насочуваме кон споменици и ремек-дела, и ги заслужува за цела вечност.
превод: Кирила Цветковска
ara / aze / bul / deu / ell / eng / est / eus / fas / fra / hin / ind / ita / jpn / mar / mkd / nld / norsk / pol / por-bra / por-eu / ron / slv / spa / swe / tur / urd / zho / zho-trad